Македонија има ново финале, утре против Исланд ќе се бори за трофеј во Клаипеда

Со победа од 25:22 против Полска репрезентацијата на Македонија се избори за големо финале и на женскиот кадетски шампионат во Клаипеда. После вчерашната храбра игра на кадетите денеска и кадетките се надминаа и покажаа дека можат до крај да ги изненадат сите и да дојдат до голем триумф.

Од почетокот на средбата тргна надигрувањето. Одбраната беше таа која ги красеше девојките и во моментите кога играа цврсто и агресивно секогаш успеваа лесно да се одбранат и да дојдт до позиција за лесни погодоци и убава предност.

Неколку минути се играше гол за гол, а потоа во 14. минута Полска дојде до 5:3. Немаше многу голови, а противникот почна да го контролира резултатот. Успеа да стигне и до 7:4 во 14. минута, но предноста на Полска стигна и до плус четири во 20. минута (10:6).

При овој резултат дојде до кревање на нивото. Најмладата Ива Младеновска одигра најхрабро и успеа да одигра добро и во одбрана и во напад и да биде една од ракометарките заедно со Дукоска кои во 26. минута донесоа 11:11, а потоа три минути подоцна и 12:11 после серија од 5:0.

Сепак, на одмор се замина со 12:12 така што мораше да се одигра многу похрабро во продолжение од средбата.

Новите моменти на криза дојдоа на почетокот на вторите 30 минути. Црвен картон доби Коловска, па ова направи проблеми во играта бидејќи таа имаше важна улога особено во одбрана. На негатива од три гола, 12:15 работите се раздвижија. Девојките почнаа да играа многу помотивирано бидејќи останаа и без селекторот Савевски, па Јулијана Црвенкоска ги предводеше до крајот. Брзо стигнаа до 15:15, а пресвртот дојде во 50. минута Македонија со серија од три гола поведе со 19:17.

Овие два гола до крајот се чуваа без проблеми. Постојано беше три или четири гола разлика така што на теренот девојките делуваа како да имаат одиграно стотина вакви натпревари. Многу искусно предводени од најмалата Младеновска отидоа до крај до победа од 25:22 за големо финале утре против селекцијата на Исланд.

МАКЕДОНИЈА – ПОЛСКА           25:22 (12:12)

Сала: Свитурио Арена во Клаипеда. Судии: Бјарки Боасон и Гунар Густафсон од Исланд. Делегати: Урмо Сици од Естонија и Јири Конечни од Чешка.

МАКЕДОНИЈА: Јовановска (13 одб.), Чурлиноска, Кирова, Нестороска, Спаевска, Коловска, Дукоска 3, Равојска, Тошевска, Коцева, Пешиќ, Еленин 1, Богојеска, Ризоска 6, Коцева 3, Младеновска 12.

Седмерци: 4/5, Исклучувања: 8 мин.

ПОЛСКА: Русин (6 одб.), Пјотровска (3 одб., 1 сед,), Мечиковска 1, Гресиста 2, Жлешевка, Шчепанијак 3, Кос, Забиелни, Пјасецка, Леснијак 2, Границка 3, Рогула 1, Мазијарек 3, Куспиет, Шевчик 2, Виецковска 5

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 6 мин.