Македонија загуби и на вториот пријателски натпревар од Норвешка

Женската репрезентација на Македонија по минималниот пораз на првиот пријателски натпревар, загуби и во вториот од селекцијата на Норвешка Б, но овојпат убедливо со десет гола разлика, 37-27.

По израмнетиот почеток и 3-3, гостинките со серија од три гола стигнаа до водство од 6-3. Дабевска намали на 6-4, а Ристовска беше сигурен реализатор на пеналите и Македонија полека се враќаше во игра.

Најекспонирана во овие моменти беше Маџовска, која биеше на три пати прецизно и Македонија направи пресврт, 9-8. Се играше гол за гол до 13-13, но Норвежанките возвратија со неколку брзи акции. Гостинките направија серија од три гола за 16-13, а за да немаме највисока негатива по првото полувреме се погрижи Маџовска, кој погоди во последните секунди пред паузата за 16-14.

На стартот на второто полувреме им дозволивме два гола по ред на Норвежанките за 18-14. Гичевска се обидуваше со удари од далечина и погодуваше, но гостинките го казнуваа нашето споро враќање во одбрана и направија солидна залиха, 20-17.  Јанеска намали на 21-19, но имавме неколку промашувања и Норвешка веќе беше на плус шест 26-20. Шанса за настап добија и Божиноска, Трајковиќ, Јанкуловска, Коцева, Младеновска и Коловска.

Со головите на Младеновска и Јанкуловска врзавме серија од три гола за 32-26, но ривалот беше во силен ритам и немаше ниту шанси, а ниту време за камбек на Македонија во мечот.

Голманките Мицевска и Јовановска искомбинираа седум одбрани, додека најдобар стрелец во нашата селекција беше Маџовска со шест гола, сите во првиот дел. Гичевска, Јанкуловска и Ристовска постигнаа по четири погодоци, Саздовска даде три, Младеновска и Дабевска по два, додека Јанеска и Коцева погодија по еднаш.