Македонија загуби во финишот, Србија пред освојување на кадетскиот турнир во Скопје

Репрезентацијата на Србија со победата од 28:25 против А тимот од Македонија се избори за два бода кои ќе бидат доволни на крајот да се освои првото место на овој турнир бидејќи утре против Бугарија, Србите се големи фаворити за победа и не би требало да имаат поголем проблем со четири победи да го завршат турнирот. Тоа значи дека Србија е на чекор да го освои турнирот кој се одржува во „Автокоманда“.

Првото полувреме донесе интересен тек. Имаше надигрување, а репрезентацијата на Србија дури во завршницата на првите 30 минути успеа да се избори за предност од три гола и на одмор да замине со позитива од 14:11.

Стартот на второто полувреме беше одличен за ракометарите на Македонија. Набрзина се вратија во игра и во ритам и израмнија, а потоа неколку минути се играше гол за гол. Сепак, немаше можност да се направи нешто повеќе бидејќи Србија успеа да дојде до 20:17 после 15 минути игра во второто полувреме.

Брзо после ова кадетските репрезентативци од Македонија успеаја да се вратат одново и да влезат во завршницата со тесен резултат. Израмнија на 21:21 и успеаја да дојдат до нова можност да тргнат по подобар резултат. Се играше гол за гол, а во последните две минути се влезе со 25:25 и напад за Србија.

Две грешки скапо ги чинеа кадетите од Македонија, па на крајот мораа да се помират со пораз од три разлика иако лесно можеа да дојдат до подобар резултат.

Селекцијата на Србија во последната четвртина од средбата мораше да игра без ракометарот на Металург, Стефан Додиќ кој протестираше кај судиите Методија и Михајло Илиевски, па мораше да се пресели на трибините.

МАКЕДОНИЈА А – СРБИЈА         25:28 (11:14)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Методија и Михајло Илиевски од Битола. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

МАКЕДОНИЈА А: Ацевски, Стојановски, Крствски, Тодески 6, Илиевски 1, Фидановски, Ташевски 2, Грујевски, Ташев 2, Спасовски 4, Мишевски, Ѓорговски 1, Андрески, Атанасијевиќ 3, Стојчевиќ, Ставревски 6.

Седмерци: 4/8, Исклучувања: 12 мин.

СРБИЈА: Мијатовиќ, Зекиќ, Мрџовиќ, Вукадиновиќ 2, Кнежевиќ, Антонијевиќ 1, Ковачевиќ 2, С. Додиќ 6, Цениќ 6, Симиќ 1, Ѓорѓиќ, Станисављевиќ 2, Л. Додиќ 3, Пановски, Предовиќ 5, Тасиќ, Радојичиќ.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 14 мин.