Македонија вторпат потклекна пред Португалија

Машката репрезентација на Македонија загуби од Португалија со 32:27 во дуел од четвртото коло од квалификациите за Европското првенство 2024 година.

Лошите пет минути од првото и првите десет минути од вториот дел беа причина на денешниот пораз на Македонија од Португалија.

Ракометарите на Лазаров имаа одличен старт, го отворија дуелот со голот на Кузмановски, домаќинот бргу израмни на 1:1, но потоа следуваше серија од 2:0 на Македонија, која со погодоците на Јагуриновски и Костески се одлепи на ,,плус два” 3:1 во 5 минута.

Следуваше период, во кој двете селекции не можеа да дојдат до реализација. Португалија ги искористи грешките на Македонија, постигна четири гола во низа и го презеде водството победувајќи со 5:3.

Македонија речиси седум минути беше без постигнат погодок, а кризниот период во таборот на нашата селекција го прекина Јуруриновски, кој намали на 5:4. Ниту Португалија не играше на посакуваното ниво и не ги користеше шансите за да дојде до поголема предност. По водството на домаќините, кое беше 6:4 во средината на првиот дел, македонската репрезентација заигра поангажирано и со серија од 3:0 направи пресврт, односно поведе со 7:6.

Од тој момент Македонија успеваше д аодржи резултатска контрола, но не поголема од еден гол разлика. Португалија секогаш успеваше да дојде до израмнување, па така резултатот во 23 минута беше 10:10. Домаќините во финишот од првиот дел успеаја да го вратат водството во свои раце, повторно влегоа во ритам и направија комплетен пресврт. Ракометарите на Переира откако имаа негатива од 11:10, со серија од 5:0 се одлепија на 15:11 и со истиот реултат заминаа на пауза.

Домашната селекција како што го заврши првиот дел, го започна второто полувреме. Португалија на стартот додаде уште три гола и во 35 минута ги имаше дотогаш највисоките седум гола разлика, 18:11.

Иако Македонија се обидуваше да ја стабилизира играта и да ја преполови негативата, сепак, разиграните домаќини во 40 минута дојдоа до 23:15 и веќе во тој момент се знаеше како ќе се одвива преостанатиот дел од мечот.

Португалија пред финишот дојде и до девет гола разлика, водеше со 28:19 и поради убедливото водство можеше да си дозволи мало опуштање, кое го искористи нашата селекција и намали дел од предноста на домашниот табор.

Убедливо најефикасен во Македонија беше Филип Кузмановски со десет погодоци, пет додаде Мартин Серафимов, три реализации имаше Ненад Костески, по двапати се запишаа Марко Стојковиќ, Иван Џонов и Томислав Јагуриновски, додека по еден го постигнаа Мартин Велковски, Игор Ѓорѓиев и Марко Митев. На голот Мартин Томовски имаше девет интервенции.