Македонија во трет шешир пред ждрепката – еве кои се можните ривали на кадетите на СП

Машката кадетска репрезентација на Македонија се најде во третиот шешир пред ждрепката за Светското првенство што ќе се игра во Хрватска претстојното лето.

Кадетите како освојувачи на трофејот на ЕХФ шампионатот во Рига обезбедија место на мундијалот за ракометари до 19 години, а на ждрепката на 3 март ќе ги дознаат своите ривали.

Пласман во главната рунда обезбедуваат првиот и вториот во групата, додека третиот и четвртиот разигруваат за пласман од 17 до 32 место. Можеби е малку чудно што Австрија се најде во втор шешир, иако исто како и Македонија доаѓа како победник на ЕХФ шампионат.

Со Македонија во третиот шешир се и репрезентациите на Руанда, Иран, Саудиска Арабија, Јапонија, Бразил, Чиле и Мароко, па јасно е дека со нив нема да се сретнеме во групната фаза.

Како најдобар избор од вториот шешир за избраниците на Раде Стојановиќ би биле селекциите на Австрија, Аргентина, Црна Гора, можеби Јужна Кореја, а би било убаво ако се избегне домаќинот Хрватска, потоа Исланд и Словенија, како и незгодните Фарски Острови.

Од првиот шешир секако ќе добиеме силен ривал, додека од четвртиот ќе биде добро да ја избегнеме Чешка како единствена европска селекција во тој шешир.

СП ќе се игра во четири хрватски града – Вараждин, Ријека, Копривница и Опатија од 2 до 13 август.

шешир 1: Египет, Шпанија, Шведска, Германија, Унгарија, Данска, Норвешка, Португалија.
шешир 2: Јужна Кореа, Хрватска, Фарски Острови, Исланд, Словенија, Црна Гора, Аргентина, Австрија.
шешир 3: Руанда, Иран, Саудска Арабија, Македонија, Јапонија, Бразил, Кина, Мароко.
шешир 4: Мексико, Бурунди, Алжир, Чешка, Бахреин, САД, Нов Зелнд, победник на ИХФ трофеј во Костарика (7-11 март).

*ИХФ дополнително треба да ги потврди шеширите