Македонија без Моника Јанеска на двомеч со Турција

Една од носителите на играта во репрезентацијата на Македонија и актуелна членка на турскиот суперлигаш Коњалти, Моника Јанеска нема да настапи на пријателските дуели против Турција во рамки од ЕХФ неделата.

Како што е веќе познато, поради земјотресот во Турција беа откажани сите спортски натпревари, меѓу кои и двомечот меѓу Коњалти и Измир во рамките од четвртфиналето од Европскиот Куп.

Првиот дуел меѓу двете екипи требаше да се игра на 12 февруари, додека реваншот беше закажан за 19 февруари.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во координација со двете екипи од Турција одлучи двата натпревари да се одиграат во текот на месец март, односно за време на ЕХФ неделата, па така Савевски за контролите против Турција нема да може да смета на искусната ракометарка.

Двете контролни средби ќе се играат во Турција на 2 и 4 март, а ќе бидат искористени како проверка на формата на ракометарките пред бараж дуелот против Украина за пласман на Светското првенство 2023.

Двомечот со Украина ќе се игра во Скопје на 8 април од 19:00 часот и во унгарскиот град Кишварда на 11 април од 17:00 часот.