Македонец се израдува на трофеј со Сан Франциско во Купот на САД

Во Фримонт, Калифорнија од 4 до 6 февруари се одржа 15. издание на Калифорнија купот на кое учестуваа осум екипи. Ова беше уште еден турнир каде што можеше да се забележи напредокот на американските тимови, а настапи и еден Македонец.

Во екипата на Сан Франциско на овој турнир играше Славе Јовановски, екс играч на Радовиш, кој со својата екипа се израдува на трофејот.

Домаќинот на турнирот Сан Франциско кој беше претставник на Северна Америка на минатогодишниот Супер Глоуб беше најголем фаворит на овој турнир.

Ракометарите на овој тим ја оправдаа улогата и го освоија трофејот откако во финалето ја совладаа екипата на Њу Јорк Атлетик Клуб со 21:17.

Екипите беа поделени во две групи со по четири тима, а во групната фаза Сан Франциско си совлада Њу Јорк Сити Тим Хендбол, Чикаго Интер и УС Ер Форс. МВП на турнирот беше Зувед Акуро кој беше еден од најзаслужните за победата на Сан Франциско.