Македонецот што испишува нова историја со Вардар

Си беа еден Црногорец, двајца Шпанци, па дојде Македонецот... На прв поглед делува како виц кој дечињата си ги прераскажуваат во маало седејќи на зајдисонце или... но не е. Ова е вистина обоена во „црвено-црно“. Ова е реалност долга девет години за која сонуваа многумина уште од 1961 година кога го формираа ракометниот клуб.

Вардар е тимот кој во последната деценија запиша толку многу рекорди на кои можат да им позавидат и многу други клубови кои имаат и далеку побогата историја во европски рамки. За двете круни во Лигата на шампиони во три години ќе се зборува уште долго, но сега актуелен е Ф4 турнирoт во СЕХА во Задар.

Девет години и девет учества. Осум финалиња (денеска е осмото), пет титули, многу пресврти, многу шок натпревари, многу голови, одбрани, многу ѕвезди… Сето тоа е Вардар во кратко. Но, една друга приказна ќе живее од денеска. Една нова историја се испишува, и можеби ќе биде подеднакво со златни букви како и сите други претходни рекорди.

A приказната почна кога дојде Црногорецот во Скопје и тоа по вторпат. Го поведе Вардар во Загреб на првиот Ф4 турнир во СЕХА и во натпревар кога сите очекуваа Загреб да си поигра со „црвено-црните“ како домаќин, со еден Ивано Балиќ во тимот, со Златко Хорват, браќата Валчиќ, Шего, Пешиќ, Копљар, Гојун, Штрлек…
Вујо мајсторе ги измести сите сметки и дојде до минимална, но огромна победа. Потоа беше дербито со Металург во финалето за македонски печат во СЕХА, во кое Вардар стана првиот шампион.

После Вујо дојде првиот Шпанец, Раул Велики кој со Вардар освои речиси сè што можеше. Не успеа само на Светското клупско првенство, но важно ја покори Европа, а и во СЕХА си поигруваше со ривалите. Можеби зборуваше македонски на свој начин со чуден изговор на некои зборови, но доминираше со тактика, стратегија, подготовка… Во секој момент знаеше што сака на теренот. Знаеше во Келн и против Барселона и против ПСЖ кога им одржа лекции со подготовката на последните акции за титула. Во СЕХА немаше потреба за такви драми, таму рано се решаваше победникот.

Тотално спротивен од Вујо. Ладен како шприцер, мирен, сталожен… кога ќе го видеше некој дека ќе ја помрдне веѓата тогаш се чудеше што се случило. За разлика од него за Вујо беше чудно да го видите седнат на клупа и да нема реакција. Не се сеќавам дали имало пет такви секунди на некој натпревар, дури и на оние кои беа решени уште пред да почнат.

После Раул, дојде уште еден Шпанец, Роберто Парондо. Од многумина оспоруван исто како и Раул на почетокот, но на терен речиси со идентичен однос. Смирен, подготвен за секој момент дури и кога тимот губи со шест, седум, осум… голови разлика. Освои СЕХА, освои Лига шампиони после пресвртот против Барселона за кој ќе се зборува со години, а потоа замина во Египет.

За Давид Писонеро во оваа приказна нема место. Тој си замина уште и пред вистински да почне со Вардар, па се комбинираше на тренерската позиција со спортскиот директор Едуард Кокшаров. Затоа, пак, има место за актуелниот стратег на „црвено-црните“, Стевче Алушовски. Играчката легенда на македонскиот ракомет, крилото кое беше последниот (активен) Мохиканец од пионерите на репрезентативниот ракомет. Играч кој беше дел од првиот натпревар на самостојна Македонија.

Дојде во Вардар во тешки моменти. Наиде на тим, кој полека се распаѓаше. Некои играчи си заминаа сред сезона, па се појави корона. За реваншот со Нексе се чекаше речиси шест месеци. Кога дојде натпреварот во кој Вардар влезе со предност од првиот дуел, тој и момците беа на раб од елиминација. Има девет нови играчи на кои ќе им треба време, има  комплетно сменет тим, но успеа да дојде до минимален пораз кој беше рамен на победа и отпатува со момците во Задар.

Завчера таму нова драма. Како и пред девет години, Вардар против Загреб во полуфинале. На осум минути пред крај Вардар губеше шест гола разлика, но потоа реми и победа на пенали. Ново финале!

После Црногорец и двајца Шпанци, конечно на клупата на сè уште актуелниот првак на Лигата на шампионите и на СЕХА, Македонец. Првпат во историјата на еден Ф4 во СЕХА лигата тренер на вакво натпреварување е Македонец. Името на Стевче Алушовски останува запишано бидејќи досега Вардар имал тренери Македонци, но никој не бил на клупа на завршен турнир.

Што и да се случи вечерва тоа нема да може никој да го измени. Напротив, Алушовски може само да се запише и како првиот македонски тренер со титула. И потоа она си беа еден Црногорец, двајца Шпанци, па дојде Македонецот… само ќе добие на уште поголема тежина!