Судиската двојка Седлоски – Ангелески стави крај на кариерата: 27 години стаж и над 900 натпревари

Македонскиот ракомет испраќа во судиска пензија, една од најпрепознатливите судиски двојки. Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески преку емотивна порака се заблагодарија за поддршката во изминатите години и потсетија на бројките што ја обележаа нивната кариера – 27 години активен судиски стаж и повеќе од 900 натпревари.

Во објавата со наслов „Благодарам!“, Седлоски упати благодарност до ракометните клубови, играчите, тренерите и колегите судии за довербата и почитта, како и до Ракометната федерација на Македонија за укажаната можност и верата во неговата работа. Посебно место во пораката има и семејството, за разбирањето, трпението и поддршката низ сите овие години.

„Ракометот ми даде многу – пријателства, искуства, емоции и незаборавни моменти. Ќе останам засекогаш посветен на овој спорт во кој ја оставив својата душа“, стои во пораката, завршувајќи со „Ви благодарам на сите!“.

Седлоски и Ангелески, како судиска двојка, порачаа дека сите натпревари ги суделе „заедно – со почит, професионалност и љубов кон ракометот“, а нивната долгогодишна работа останува запаметена како дел од домашната ракометна сцена.

Во иднина и двајцата ќе бидат делегати/контролори.