Магдебург ќе ја брани титулата во Лига на Европа, закажа финале против Бенфика

Актуелниот бранител на титулата во Лига на Европа, Магдебург, ќе има повторно можност да се бори за златниот медал откако во првиот полуфинален натпревар на Ф4 турнирот во Лисабон го совлада хрватскиот вицешампион, Нексе, со резултат 34:29 (18:13).

Ракометарите на Нексе не успеаја да направат чекор плус во второто по ранг квалитетно европско натпреварување бидејќи пред себе го имаа квалитетниот состав на Магдебург, кој во најголемиот дел од натпреварот имаше резултатска контрола.

Магдебург во убедливата победа беше предводен од Матијас Муше, кој беше стрелец на осум гола. Ист број на погодоци постигна и поранешниот ракометар на Металург во редовите на Нексе, Халил Јагањац.

Ланскиот шампион во финалето ќе игра против Бенфика, која во вториот полуфинален натпревар беше убедлива против Висла Плоцк со седум гола разлика, 19:26 (8:10). Висла Плоцк на Ф4 турнирот пристигна без клучниот играч, Нико Миндегиа, и неговото отсуство се одрази во играта на неговите соиграчи, кои попуштија во второто полувреме и немаа никакви шанси за надигрување против расположената Бенфика.

Најефикасни во редовите на Бенфика беа двајцата репрезентативци на Србија, Петар Ѓорѓиќ со девет и Лазар Кукиќ со пет погодоци. Листата на стрелци кај Висла Плоцк беше предводена од Золтан Шита со четири погодоци.

Натпреварот за 1 и 3 место ќе се одиграат во текот на утрешниот ден. Во борбата за 3. место, Нексе и Висла Плоцк ќе играат во терминот од 16:30 часот, додека финалето меѓу Магдебург и Бенфика ќе биде со почеток од 19:00 часот. Македонската судиска двојка, Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, ќе ја има честа да ја дели правдата на натпреварот за 3 место.