Магдебург ја совлада Висла Плоцк за германско финале во Лигата на Европа

Екипите на Магдебург и Висла Плоцк го одиграа првото полуфинале на завршниот турнир од Лигата на Европа, a после голема борба и многу пресврти на резултатот Магдебург обезбеди финале со триумф од 30:29.

Тимот од Полска почна одлично и во почетните минути имаше водство од 3:1 и 6:4. Магдебург се врати во игра и во 15. минута израмни на 6:6. Во продолжение до крај на првиот дел Висла постојано имаше предност.

Во 21. минута беше 11:8 за екипата од Полска, тогаш Терзиќ беше исклучен на две минути што Магдебург го искористи да се врати на нерешено. Висла одговори на оваа серија и на полувремето замина со предност од 15:13.

Неизвесноста продолжи и во вториот дел, Висла одржуваше предност но Магдебург беше на гол негатива. Во 41. минута Дамгард израмни на 19:19 и ја почна серијата на германскиот тим од 4:0. Магдебург за првпат поведе и веднаш се одлепи на три гола.

Висла успеа повторно да се врати на нерешено, но со уште една серија од три гола Магдебург обезбеди предност која ја задржа до крај за пласман во големото финале од Лигата на Европа. Бундес лигашот ќе го чека подобриот од германската пресметка помеѓу Рајн Некар и Фуксе Берлин.

Најефикасни во победата на Магдебург беша Дамгард и Магнусен со по шест гола, додека по четири постигнаа Пројс и Осаливен. За Висла Плоцк одлични беа Сита и Крајевски со по седум гола.