Магдебург го потврди четврфиналето против разиграниот Динамо Букурешт

Германскиот првак Магдебург се пласираше во четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако го осигура второто место во групата А. Во последниот дуел од групната фаза го совлада составот на Динамо Букурешт со 34-33(19-17), но расплетот на врвот во групата беше познат по поразот на Веспрем од ПСЖ.

Динамо Букурешт е освежување и изненадување во Лигата на шампионите, иако ја завршија групната фаза на петтата позиција, на сите натпревари пружија достоен отпор и беа тврд орев за сите ракометни гиганти. Во таа насока измина и натпреварот во Германија каде Магдебург го пречека романскиот првак.

Домашните ракометари на стартот на првото полувреме создадоа предност која во седмата минута броеше три голови, не успеаа да ја задржат и да го потврдат својот бундес статус. Наместо тоа расположените избраници на тренерот Пасквал, предводени од одличниот романски голман Бакатару бргу ја надополнија разликата и го вратија натпреварот во егал. Во слично темпо се одвиваше и продолжението на првото полувреме, во кое гостите имаа свои шанси да го преземат водството, но во финишот Германците повторно ја вратија највисоката предност од три голови. Кудуз на истекот на триесете минути ја намали највисоката негатива која ја имаше неговиот тим и ги постави конечните 19-17.

Почетокот на вториот дел најави интересна завршница, но наместо тоа Германците во средина на вториот дел целосно ја преземаа контролата над темпото, играта и резултатот. До 42. минута Магдебург создаде разлика од пет погодоци, која требаше да биде доволна за мирна завршница.
Сепак во последните 10 минути низа несвојствени грешки за домашните ракометари ги вратија Романците во игра. Бундеслигашот ја смири топката, не ги завршуваше бргу нападите, а долгите позициони напади обично завршуваа со грешка. На пет минути до крајот на дуелот ракометарите на Динамо Букурешт имаа негатива од само еден гол (33-32). Во следниот напад на Магдебург, Липовина направи престап при позиционирање за шут, а Кудуз беше прецизен на спротивната страна за израмнување на резултатот на 33-33.
Во вжештениот финиш на натпреварот Милитару грубо го фаулираше германскиот бек Вебер и заработи црвен и син картон.
Во последните секунди од дуелот Хорнке од пенал линијата го врати Магдебург на гол предност, а тренерот на Динамо, Чаби Пасквал повика тајм-аут. Акцијата која требаше да ја заврши Кукиќ ја прочитаа Германците, па по неколку обиди дополнителното додавање до Кудуз значеше грешка во нападот на гостинските ракометари. Во последниот напад Магдебург не се обиде да нападне, времето измина а минималната победа за бундеслигашот ги позиционираше на второто место во групата А.

Тим Хорнке со 10 голови и Каи Смитс со 5 ја предводеа листата стрелци во редовите на Магдебург. Кај Динамо Кудуз постигна 5 погодоци, а Де Силва, Кашпарек, Пасквал и Негру го следеа со по 4 голови. Динамо Букурешт продолжува во осминафиналната фаза како петопласирана екипа од групата А.