Ливриниќ е во одлична форма, Бузау стигна до бод против Дунареа

Репрезентативката на Македонија, Елена Ливриниќ одигра одлична партија во романскиот шампионат. Нејзината екипа Глорија Бузау ремизираше против Дунареа Браила, 25:25.

На полувреме резултатот беше 13:12 за екипата на Ливриниќ. Во последните три минути од натпреварот, Глорија Бузау постигна два гола во серија и стигна до важен бод во денешниот натпревар.

Македонката беше меѓу најдобрите на теренот со запишани четири гола од исто толку удари. Ист број на голови постигнаа и нејзините колешки, Бобана Кликовац и Ана Марија Игуану.

За Глорија Бузау не настапи повредената Марија Штериова, додека во составот на Дунареа исто така поради повреда не беше Јована Саздовска.

Моментално, Глорија Бузау се наоѓа на 4. позиција на табелата со 29 освоени бодови. Во следното коло екипата за противник го има ЧСМ Букурешт. Но, до следниот натпревар во романскиот шампионат следи пауза поради ЕХФ неделата па така сите клубови имаат одмор до 25 април.