Лејно го сврте мечот против Русија, но ремито беше најреален епилог

Репрезентациите на Франција и на Русија одиграа интересен натпревар на вториот дел од 2. круг и ги поделија бодовите откако после големо надигрување и многу менувања во водство завршија со нерешени 28:28.

Првото полувреме мина во знакот на Русија и во 20 минутна комплетна доминација. Почетокот донесе далеку подобра игра од ракометарките од Русија кои имаа целосна контрола и беа во убедлива предност од пет погодоци. Првпат дојдоа во водство од 12:7 и успеваа да ја одржат оваа разлика до 16:11.

Сепак, како се доближуваше крајот на првите 30 минути така почна да станува јасно дека селекцијата на Франција се враќа во игра и почна да ја намалува негативата. Со подобра игра во завршницата се доближи и до минус два, но на одмор беше 19:16 за составот на Русија.

Почетокот на вторите 30 минути донесе подобра игра од триколорките. Актуелните европски шампионки успеаја да израмнат, па дури и да поведат. После 21:23 прво израмнија на 23:23, а набрзо стигнаа и до првото водство од 24:23.

Сепак, радоста траеше кратко бидејќи Русинките одново успеаја да ја вратат предноста во своја корист и да дојде до водство од 25:24. До крајот имаше ново менување во водство, а Франција имаше поголема можност да стигне до победа. Имаше 28:27 во завршницата, но не издржа, па мораше да се задоволи со бод откако Русинките израмнија.

Одлична на голот беше Амандин Лејно кога одбрани одлично кога беше најпотребно и придонесе многу за обезбедување на овој бод иако доколку Франција победеше нејзиниот придонес ќе добиеше на уште поголема тежина.

Нзе Минко и Уголин со по пет гола, како и Лакрабер и Канор со по четири гола беа најефикасните во Франција. Во Русија најмногу погодоци имаа Бобровникова, Скоробогатченко и Манагарова. Сите реализираа по петпати. Амандин Лејно имаше седум интервенции од кои повеќето беа во второто полувреме.