„Летаа“ црвени картони, Куманово нанижа пет триумфи во плеј-аутот!

Ракометарите на Куманово остварија лесна победа против Скопје со 33-25 во натпреварот од 5 коло во суперлигашкиот плеј-аут. Избраниците на Игор Котевски уште по првиот дел го решија победникот на овој натпревар, а блексаше црногорското дуо Ѓурашковиќ-Кастратовиќ со девет гола за 30 минути. Скопјани парираа само на стартот, а потоа немаа сили да му се спротистават на расположениот домаќин, кој останува на максимум и има пет победи на пет меча во разигрувањето за опстанок.

По 4-3 за Куманово, Скопје направи неколку грешки во серија, домашните тоа го казнија и набрзина беше 8-3 по десетина минути игра. Кузманоски повика минута одмор, но ниту после тајм-аутот неговите ракометари не ја поправија реализацијата. За разлика од нив, Куманово лесно го наоѓаше патот до мрежата и на пауза замина со плус осум, 18-10.

На стартот на вториот дел Скопје даде гол за 18-11, но потоа следуваа два црвени картони за гостинските ракометари. Најпрво црвен картон доби Игор Трајковски, кој беше во борба за топка со Владан Кастратовиќ, а нецела минута подоцна Бојан Чакалиќ го заработи третото исклучување и тој мораше да се пресели на трибините.

Куманово го искористи тој момент, помогнат од Кимевски, се одлепи на плус десет, 21-11 и до крајот немаше дилеми околу побендикот. Скопје се трудеше да ја намали негативата и успеа во финишот, кога беше 30-24. Црвен картон доби домашниот ракометар Даневски по трите исклучувања на осум минути до крајот, но тоа немаше влијание на конечниот резултат.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Владан Кастратовиќ со седум и Немања Ѓурашковиќ со шест голови, додека кај Скопје десет гола даде Дамјан Јакимовски. Куманово има пет од пет и на табелата е прв со 16 бода, додека Скопје останува на четвртото место со девет освоени бода.