Лекиќ: Од сите што играле за „црвено-црните“ ќе го чуете истото – дека Вардар многу им недостига!

Некогашната ракометарка на Вардар, Андреа Лекиќ, во новата сезона ќе ги брани боите на црногорскиот шампион Будуќност.

Во моментов е членка на романскиот ЧСМ Букурешт, но можно е да го одигра последниот натпревар за овој тим, доколку ЛШ и романското првенство не продолжат во скоро време.

Во разговор за „Balkan Handball“, Лекиќ откридека најубавите моменти од кариерата ги поминала во дресот на Вардар во Скопје, каде играше пет сезони.

„Навистина уживав во Скопје, таму ги поминав најуавите моменти во кариерата од првиот до последниот ден. Ми недостига се – почнувајќи од ракометот, од условите кои ги имавме, од луѓето кои го сакаат ракометот, од односот со сите жители. А со самото тоа што го играте спортот број 1 во државата, мислам дека не е потребно повеќе да се зборува. Голем број пријатели, многу незаборавни моменти. Од сите играчи што играле во Вардар, ќе слушнете дека клубот и Скопје им недостига многу“, изјави Лекиќ.

По заминувањето од Вардар, Лекиќ се пресели во ЧСМ Букурешт, но лани не успеа да стигне до учество на завршниот турнир во ЛШ. Сезонава во четвртфиналето романскиот тим го има за ривал европскиот првак Ѓер.