Ледената кралица се сели во ледената земја – Ана Дебелиќ три сезони во Вајперс Кристијансад

Екипата на Вајперс Кристијансад за следната сезона ангажираше уште една ракометарка во својата екипа.

Станува збор за репрезентативката на Хрватска, Ана Дебелиќ. Хрватката моментално е членка на руската екипа Астраханочка. Во Астрахан пристигна од екипата на Подравка. Со новиот клуб, Дебелиќ потпиша договор на три сезони.

Дебелиќ на последното Европско првенство во Данска беше прогласена за најдобар пикер, а беше меѓу најзаслужните за третото освоено место на нејзината репрезентација. Со нејзината блескава игра, понудите од голем број на клубови растеа за време на шампионатот во Данска.

Вајперс Кристијансад за следната сезона ќе има квалитетен тим и амбициите на клубот во Лигата на шампионите ќе бидат високи. Пред извесен период шампионот на Норвешка ја доведе и Изабел Гулден.