Легендата на Кометал ЃП не мирува – на 41 година има нов клуб!

Поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Јелиз Озел и следната сезона ќе биде активна на терените. Иако има 41 година, Озел не се откажува од ракометот.

Според медиумите од Турција, Озел во новата сезона ќе го носи дресот на Измир. Оваа сезона таа настапуваше за амбициозната екипа на Јеликавак која во турскиот шампионат сезоната ја заврши на второто место.

Измир следната сезона сака подобри резултати на домашната сцена, а клубот ќе игра и во европските купови. За таа цел, клубот реши да ја ангажира поранешната репрезентативка на Турција.

Јелиз Озел дојде во Скопје во 2004 година и остана три сезони во екипата на Кометал ЃП. Освен за поранешниот европски шампион, Озел настапуваше и за Бјасен, Валчеа, но и за голем број на турски клубови – Ускудар, Анадолу Универзитет, Мили Пјанго, Јенимахал, Муратпаша и Кастамону.