Легендарниот ракометар стави крај на богатата кариера – Норвешка остана без Мирхол

Репрезентацијата на Норвешка загуби од Данска во четврт-финалето на Олимписките игри во Токио со 25:31, а овој натпревар беше посебен бидејќи за легендарниот пикер Бјарте Мирхол беше последен во неговата карирета.

39-годишниот голем борец во текот на својaта кариера постојано беше клучна фигура во репрезентацијата, а неговата важност за тимот ќе може да  се забележи на следните големи натпреварувањa кога тој нема да биде дел од селекцијата на Норвешка.

Сепак, крајот на кариерата е неизбежен за Мирхол. Норвежанецот имаше многу проблеми со здравјето и повредите, неколкупати успеваше да се врати, но сега неговата одлука е конечна. Инфекцијата на цревата, операцијата на рамото и претходно рак на тестисите не го спречија да продолжи да игра, но сега ризикот за неговото здравје го натера да означи крај.

И покрај тоа што Мирхол има договор со Скјерн до 2022 година тој проценил дека сега е вистинско време да престане со играње. Не успеа да го оствари сонот да стигне до медал на Олимписките игри, но стави крај на кариерата предводејќи ја својата репрезентација на едно големо натпреварување.

Мирхол за Норвешка има одиграно 257 натпревари и постигнато 795 голови. Двапати како капитен ги предвоеше своите соиграчи до сребрен медал на светските првенства. Последните шест години е дел од Скјерн, а претходно исто толку настапуваше за Рајн Некар кој го повлече дресот со број 18 во негова чест.