Легендарниот кружен напаѓач најави крај на кариерата

Репрезентативецот на Норвешка и ракометар на данскиот Скјерн, Бјарте Мирхол, е пред завршување на својата ракометна кариера. Норвежанецот планира да одигра уште една сезона, а потоа целосно да се посвети на приватниот живот.

Во изјава за домашните медиуми истакнува дека годините си го прават своето, но и повредите кои го затекнаа во последните неколку години.

„Ова е голема промена и по повредите во изминатите две години, морам да се навикнам дека можеби веќе не сум најдобриот пикер на светот. Тешко е психички, но морам да се справам со тоа. Работам многу напорно за да го задржам моето ниво и да бидам подобар на натпреварите и покрај мојата возраст. Постои физичка и голема разлика помеѓу играњето на 30 и 40 години. Тоа го забележувам на секој тренинг  и натпревар”,  изјави Мирхол.

Мирхол во Скјерн пристигна во 2015 година од екипата на Рајн Некар Левен. Беше дел и од унгарски Веспрем на почетокот на неговата кариера, 2005/2006 сезона. Со репрезентацијата на Норвешка го освои сребрениот медал на Светските првенства во 2017 и 2019 година.