Лајпциг со нова сензација во Бундес лигата, нов кикс на Магдебург

Екипата на Лајпциг продолжува со изненадувањата во Бундес лигата, откако во натпревар од 23. коло убедливо го совлада Рајн Некар со 37:29 (19:13).

Победничката екипа беше предводена од Виго Кристијансон, кој во мрежата на ,,лавовите” постигна дури 11 погодоци. Кај Рајн Некар ист број на погодоци имаше и Јури Кнор.

Лајцпиг во претходните четири кола славеше против три истакнати фаворити за титулата, екипите на Кил, Фуксе Берлин и Магдебург, како и против квалитетниот тим на Мелсунген.

Со серијата на победи, тимот на Лајпциг го подобри бодовното салдо и сега веќе се наоѓа на 7. позиција на табелата.

Нов кикс направи актуелниот шампион Магдебург, беше поразен од Хановер со 34:31 (17:14). Магдебург во претходното, 22. коло доживеа пораз од Лајпциг.

Хановер во победата над Магдебург беше предводен од Максимилијан Гербл со седум погодоци. Кај Магдебург само двајца ракометари беа расположени за игра, десниот бек Кај Смитс постигна 11 погодоци, а неговиот соиграч, средниот бек Гисли Кристијансон додаде осум гола.

Тимот на Магдебург е сѐ подалеку од титулата, бидејќи заостанува шест бода зад лидерот Фуксе Берин, кој моментално има 39 бода, но до крајот од сезоната има уште многу да се игра.

На останатите два денешни натпревари, тимот на Фуксе Берлин беше сигурен против Гумерзбах со 38:33 (22:16). Победа запиша и Штутгарт, кој беше подобар од Минден со 29:23 (14:12).