Лазаров скрати список – еве на кои ракометари ќе смета за Мундијалот!

Селекторот на машката сениорска репрезентација, Кире Лазаров, го објави скратениот список на ракометари што ќе ги започнат подготовките за Светското првенство во Полска и Шведска.

Лазаров ќе смета на 23 ракометари за стартот на подготовките што се предвидени од 20 декември, по завршувањето на клупските обврски.

На списокот нема изненадувања и главно тоа се очекуваните имиња, а меѓу повиканите се тројца интернационалци – Никола Митревски од португалскиот Порто, Филип Кузмановски од германскиот Хановер и Костадин Петров од исландскиот Тор Акурејри.

Македонија ќе одигра пријателски натпревари со Црна Гора во Маврово, додека на 5 и 6 јануари ќе биде дел од „Кроација Куп“ и ќе игра против Хрватска и Израел.

Нашата репрезентација настапот на Мундијалот го стартува на 13 јануари во „Таурон Арена“ во Краков со дуел со Норвешка, два дена подоцна ќе игра со Холандија, додека на 17 јануари ќе се соочи со Аргентина.