Лазаров прозива, почнува операцијата „Португалија“

Денеска во 16:00 часот, машката репрезентација на Македонија ќе го има првиот собир пред продолжението на квалификациите за Европското првенство во 2024 година во Германија.

Ривал на Македонија ќе биде силната Португалија, а селекторот Кире Лазаров за овој двомеч повика 22 ракометари, меѓу кои ќе ги бара 16 што ќе играат на натпреварите во Скопје и Матосињос.

Меѓу нив нема да бидат крилата Дејан Манасков и Гоце Георгиевски, кои не се најдоа ниту на поширокиот список на Лазаров. Во однос на СП на скратениот список ги нема Александар Петковски и Давид Савревски.

Во комбинација се одново Цветан Кузманоски, Марко Митев, Мартин Велковски и Марио Танкоски, а шанса за борба за место во националниот тим добива и Ален Ќосевски.

Македонија и Португалија имаат по две победи и четири бода, и практично го имаат обезбедено местото на континенталниот собир, а сега ќе се борат за првото место во групата, кое носи втор шешир пред ждрепката за ЕП.