Лазаров одличен, Нант со лесна победа во Велење

Ракометарите на Нант продолжуваат со победите, а новата стигна во Купот на ЕХФ каде што денеска беше совладан составот на Горење со 35:28 во рамки на 2. коло од групата Ц.

Нант беше во предност во текот на целата средба. Немаше поголеми проблеми за да се дојде до убедлив триумф на крајот бидејќи Горење не можеше да се снајде против ривалот од Франција. Тоа остави простор за мирна завршница во која Нант само ја потврди победата која беше очекувана.

На полувреме резултатот беше 19:12 и оваа разлика од седум гола беше задржана и во продолжението, па и на крајот беше истата разлика.

Лазаров на овој натпревар реализираше четирипати од пет удари. Повеќе од него имаа Ривера (9), Овничек (5) и Балагер (5). Во редовите на Горење, Вердинек Матич со осум гола беше најпрецизниот.

Сега следуваат главните дуели за тимот на Нант. Прво следната недела на домашен терен овој тим ќе се соочи со Магдебург, а потоа ќе гостува во Германија. Ова значи дека два викенди по ред ќе се гледаат пресметки меѓу Кирил Лазаров и Филип Кузмановски.