Лазаров: Одиме по потешкиот пат, уште од утре почнуваме со подготовките за ЕП!

Машката репрезентација на Македонија ги доби ривалите на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Ќе играме против Словенија, Данска и Црна Гора во групата А во унгарскиот град Дебрецен.

Капитенот и селектор Кире Лазаров вели дека зависиме само од нас и нема да се оптоваруваме со ривалите.

„Одиме по потешкиот пат, но нема изговори. Зависиме од нас и од тоа колку ние ќе успееме да го подигнеме нашето ниво до јануари. Противниците се тие што се и нема многу да се оптоваруваме со нив. Ќе се подготвиме максимално и ќе играме секој натпревар на победа. Ми се допадна една изјава на еден наш репрезентативец, еден од лидерите на тимот – Никола Митревски. Тој кажа – Ако играме како што умееме, не е важно кој ќе ни биде ривал. Веќе од утре ќе ги почнеме подготовките за ЕП“, изјави Лазаров за 24Ракомет.

Македонија на 13 јануари ќе игра со Словенија, на 15 јануари ќе се соочи со Црна Гора, додека на 17 играме со Данска.