Лазаров: Незаслужено загубивме со шест разлика

Машката репрезентација на Македонија загуби од Португалија со 29-23, во натпреварот од третото коло во квалификациите за ЕП и останува во трка по второто место во групата.

Селекторот Кире Лазаров вели дека високиот пораз не е заслужен, но потенцира што ни недостасува во играта.

„Португалија беше фаворит пред натпреварот, знаевме за каква селекција се работи, мислам дека одигравме достојно против ваква квалитетна селекција. Мене ми е жал што резултат изгледа вака. Мислам дека незаслужено загубивме шест разлика, во еден миг и водевме. Не сум задоволен, затоа што поминаа некои работи што ги договаравме и кои ги знаевме. Не е срамота да се изгуби од Португалија, но мислам дека ни фалеше фокус и концентрација,а тие се добиваат со вакви силни натпревари. Може да бидеме незадоволни. Можевме да извлечеме подобар резултат, но од друга страна знаеме каков противник е Португалија, и какви играчи има, а одигра и одлично на СП“, вели Лазаров.

Тој смета дека проблемот во нашата одбрана беа пивотите на Португалија, кои добија многу дуели.

„Треба на реваншот да поправиме од се по нешто. Малку доминираа и физички со корпулентност, изгубивме доста дуели, многу бевме дефицит на игра со пикер од Фраде и Итуриза, иако бевме договорени да ги браниме квалитетни, и примивме многу голови од таа позиција затоа што беа подобри физички. Едноставно не можевме да се носиме со нивните пивоти. Нашите играчи беа во еден мал грч, немаше полетност, но се надевам дека како поминува времето, ќе надојде таа младост и ќе им значи овој натпревар. Најважно е да се пласираме на ЕП, против селекциите на Турција и Луксембург сме фаворити, но не е лесно во денешно време да се добијат мечеви, но треба сега да мислиме за нив, туку само на реваншот со Португалија. Да отидеме таму и да одиграме еден квалитетен натпревар“, вели Лазаров.

Реванш средбата меѓу Португалија и Македонија се игра на 12 март со почеток во 18:30 часот во Матосињос.

Македонија пружи отпор, но Португалија ја однесе победата