Лазаров го наполни голот на Адемар Леон, Нант победнички стартуваше во ЕХФ Купот

Тимот на Нант,  каде што настапува македонскиот репрезентативец Кире Лазаров, имаше победнички старт во групната фаза од ЕХФ Купот. Французите на домашен терен беа подобри од Адемар Леон со 34-28.

Во првиот дел Нант имаше и четири голови предност, но шпанскиот тим до паузата успеа да ја намали негативата на само еден погодок, 17-16.

Во второто полувреме предводени од Лазаров, Нант по петнаесетина минути обезбеди плус седум, 29-22, и потоа до крајот беше полесно.

Разликата беше рутински одржана и Нант славеше со 34-28. Лазаров даде шест погодоци, додека најдобар стрелец беше Ривера со девет.