Лазаров: Горд сум на момците – извадивме максимум, ќе чекаме втора шанса

Кадетската репрезентација на Македонија загуби во финалето на ЕХФ Шампионатот од Полска со 33:35, иако претходно на истиот турнир славеше против овој противник.

После натпреварот селекторо Кирил Лазаров говореше и ги сподели впечатоците од финалниот натпревар и вкупно од целиот турнир.

„Мислам не треба да бидеме паметни за да процениме, промашивме многу зицери и изградени ситуации, посебно од пикерска и крилна позиција. Промашивме и два пенали и против една сериозна селекција како Полска со такви работи немаше што да се бара. Во подготвителниот период дури и кога победувавме ни се случуваа вакви работи. Мислам дека проблемот е психолошки. Игра имаме, никој не може да ме увери дека немаме, ја размрдавме енергијата, имаме транзиција, трчаме и се враќаме. На овој турнир имаше доста квалитетни репрезентации од типот на Полска, Швајцарија па дури и Грција. Еве да кажеме за Полска, имаат седум до осум играчи од младинските категории на Киелце, погони кои се долго време во систем. Имаат два до три играчи во Германија, што покажува дека имаат поминато доста.

Можеме многу да научиме од овие работи. Ние сме на почеток да создаваме. Се надевам дека како втори ќе имаме уште една шанса, да можеме да се бориме да се пласираме на тоа ЕП. Наводно е најавено, но не е потврдено. Но тоа би било една добра шанса. Тоа би било во месец март. Ова ни покажува дека сите држави во младинските категории, не само најдобрите, туку сите, вложуваат и се трпеливи за резултат. Мора да промениме многу работи, пред се во клубовите и да почнеме сериозно, затоа што видовте каков атомски ракомет се играше и од наша страна и од страна на Полска.

Ние се подготвивме добро, мислам дека и физички добро издржавме. Мене само не ми се верува како во неполн ден променија толку многу работи. Тоа покажува дека во мечот за полуфинале ние ги изненадивме. Не велам дека не надмудрија, туку тоа е еден систем. Меѓутоа јас сум горд на момците. Мислам дека извадивме максимум. Не велам дека ние бевме подобри, туку системски Полјаците беа подобри од нас, иако ги победивме претходно. Ривалот покажа систем, дека минале една школа. Не е ова алиби, напротив, мене ми е криво што не победивме. Но, мора да се сложиме дека презентиравме добар ракомет. Се заљубив во овие деца, сакав да им се оддолжам и верувам во нив. Но, мора да знаат дека мора да работат и индивидуално, не само во клубовите, ако сакаат да ги пратат нивните врсници не говорам тука за домашни, туку за меѓународни рамки“, изјави Лазаров.

Македонија овој шампионат го започна со пораз од Грција а потоа ги совлада Полска и Швајцарија но сепак не беше довллно за пласман на Европското првенство.