„Лавиците“ од Ѓорче Петров доминантни во Битола

Актуелниот бранител на титулата во Женската лига, тимот на Ѓорче Петров, во првото коло од новата сезона имаше лесна задача на гостувањето кај Пелистер и забележа висока победа, која беше изразена со 15 гола разлика, 42:27.

Ракометарките на Симе Симовски очекувано беа подобри од младиот тим на Пелистер, кој битката со „лавиците“ ја загуби уште во првиот дел, во кој заостануваше на голема негатива.

Ѓорче Петров на полувреме замина со предност од 23:14 и вториот дел го одигра рутински. Пелистер во ниту еден момент не беше во ситуација да се доближи или да ја преполови негативата.

Најефикасни во победничката екипа беа Емилијана Ризоска со девет и Ана Марија Коларовска со осум погодоци.

Кај домашниот тим се истакна Сара Рујановска со седум погодоци, втор стрелец беше Кристина Наумовска со шест реализации.

Тимот на Симовски во следното коло ќе се соочи со Стружанка, битолчанки за следен ривал го имаат Чаир.