Кушан: Тргнавме лошо, но се консолидиравме за победа

Екипата на Еурофарм Пелистер стартуваше со победа од 30:26 во новата сезона од СЕХА лигата, а на домашен терен го совлада составот на Металопластика.

Битолчани одиграа далеку подобро во второто полувреме кога и се изборија за триумф со оглед на тоа што после првите 30 минути предноста беше на страната на гостите кои водеа со 14:12.

„Знаевме дека не чека тежок натпревар. Металопластика е млада екипа која игра цврста одбрана и тоа се ракометари кои многу трчаат. Ние тргнавме лошо во натпреварот и направивме многу грешки, кои не и приликуваат на екипа како што сме ние. Сепак, успеавме да се консолидираме и во второто полувреме со доста квалитетна одбрана и добар напад да го решиме овој натпревар во наша корист“, коментираше после натпреварот Томислав Кушан.

Следниот натпревар за тимот на Еурофарм Пелистер во СЕХА лигата ќе биде во 2021 година. На 6 февруари гостува кај тимот на ППД Загреб.