Кумановци слават – од следната сезона ќе играат во Суперлига!

Ракометарите на Куманово по долго време се враќаат во Суперлигата, откако го освоија петтото место во прволигашкиот плеј-оф.

Во последното 10 коло од плеј-офот, кумановци на свој терен беа поуспешни од Вардар Неготино и славеа со 27-22.

Домашните отворија со предност од 9-1 и уште од стартот дадоа до знаење дека нема да препуштат ништо на случајот. До крајот на полувремето беше 17-8.

Неготинци не се предаваа, во последните десетина минути намалија на минус три, имаа и напад, но не погодија и Куманово рутински го доврши натпреварот, па можеше да почне големото славје.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Јован Даневски со пет гола, како и Димитров, Миладиновски и Тасевски со по четири погодоци, додека кај неготинци се истакна Бојан Трпески со пет гола.