Кумановци победнички со Драчево, обезбедија најмалку суперлигашки бараж!

Ракометарите на Куманово остварија победа во 16 коло од прволигашкиот плеј-оф против Драчево со 37-32 и го обезбедија најмалку шестото место, што носи бараж за Суперлига.

Во последните две кола кумановци ќе играат со Вардар Неготино и со Младост Богданци и ќе имаат шанса да се изборат и за директно место во елитата.

Куманово поведе со 6-3, но драчевци со серија од шест гола ја презема контролата на теренот и водеше со 6-9. Сепак домашните заиграа подобро во финишот на полувремето и на пауза заминаа со плус три, 16-13.

Клучниот период беше на стартот на вториот дел. По 18-16, Куманово со серија од четири гола стигна до 22-16 и успешно до крајот ја чуваше предноста.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Влатко Тасевски со 11 гола и Андреј Миладиновски со шест погодоци, додека кај Драчево се истакнаа Бобан Андовски со 12 и Димитар Матовски со десет гола.

Алкалоид (46), Голден Арт (37)и Јуниор КВ (33) се сигурни суперлигаши, последните два патника ќе се бараат меѓу Вардар Неготино (28), Аеродром (26) и Куманово (25), а една од овие две екипи ќе игра бараж против последнопласираниот тим од суперлигашкиот плеј-аут.