Куманово со пресврт ја освои Автокоманда

Екипата на Куманово ја запиша втората победа во плеј-оф фазата во Женската лига по триумфот над Металург од 26:22 на жешкиот терен во Автокоманда. Куманово со новата, втора победа во плеј-офот се вклучи во борбата за првата позиција на табелата.

Ракометарките на Металург со погодоците на Калајџиевска и Младеновска поведоа со 2:0 во воведниот дел, но гостинот бргу возврати за 2:2. Следуваше период, во кој избраничките на Дамчевска беа во предност, но не поголема од два гола разлика.

Куманово секогаш доаѓаше до израмнување на резултатот и не му дозволуваше на домаќинот да направи повисока разлика. Гостинот најчесто преку Граматова и Алмеида, кои во првиот дел постигнаа 8 од 10-те погодоци за својот тим, ги одржуваше шансите за освојување на бодовите.

Резултатот во првиот дел дури во осум наврати беше нерешен, но домаќинот во финишот успеа да направи серија од 3:0 и откако беше 10:10, тимот на Дамчевска преку Трајковиќ и Младеновска зголеми на 13:10. Металург со овие три гола позитива замина на пауза.

Во продолжението домашниот табор за момент успеа да воспостави резултатска контрола. По водството на Металург од 16:14, гостинот со три гола во низа направи целосен пресврт, поведе за првпат на натпреварот со 17:16.

По играта гол за гол, во која двете страни наизменично погодуваа, во последниот период Куманово направи голем чекор кон остварување на целта, поведе со 23:20. Гостинот во последните осум минути ја задржа предноста, водеше со два до три гола разлика и успеа да ги освои важните бодови од дерби дуелот.

Најефикасна во редовите на Куманово беше интернационалката од Бразил, Андреза Алмеида со десет погодоци. Во составот на Металург екс ракометарката на Куманово, Мила Трајковиќ ја предводеше листата на стрелци со девет гола.