Куманово слави втор трофеј во Купот, Вардар издржа едно полувреме

По 2019 година, ракометарките на Куманово го освоија вториот трофеј во Купот на Македонија. Кумановки во финалниот натпревар без поголеми проблеми славеа над Вардар со убедливи осум гола разлика, 26-18.

Вардарки отворија одлично и поведоа со 1-3 со трите погодоци од пенал на Трпевска. Беше и 3-5, но кумановки заиграа поангажирано и направија пресврт, 7-5. Иако играа вторпат во мечот без исклучената Боризовска, избраничките на Ненад Краљевски стигнаа и до највисоки плус три, 9-6, па Драгана Ристова мораше да бара тајм-аут.

Не се промени ништо во продолжение, предводени од Џамкиќ, кумановски играа остро во одбраната и по дваесетина минути игра веќе го ставија мечот под своја контрола со водство за 10-6.

Серијата на Куманово беше прекината од Џатевска, 10-7, а потоа уште еднаш македонската репрезентативка даде гол за 10-8. Голманката Митровиќ одбрани два пати во серија и Куманово се одлепи пак на плус четири, 12-8. Сепак на пауза се замина со 12-9, иако Боризовска можеше од пенал да донесе нова највисока предност, но не погоди.

Вториот дел започна со гол на Вардар за 12-10, но потоа Куманово набрзина се врати на плус четири, 15-11. Стојановска на два пати од пенал реализираше за 15-13, но две грешки во нападот на вардарки и Куманово од контра преку Кипријановска зголеми на 19-14.

На десетина минути до крајот беше 23-15 и веќе беше јасно како ќе заврши овој натпревар. Вардарки не успеаја да го направат финишот неизвесен, шанса за настап добија ракометарките што досега имаа помала минутажа, па прославата на Куманово можеше да започне.

Најдобри стрелци во Куманово беа Јануловска со шест гола, Трајковиќ даде четири, а голманката Митровиќ имаше осум интервенции. Кај Вардар, Трпевска постигна пет погодоци.