Куманово не дозволи изненадување против Чаир

Во рамките од 16.коло од Женската лига, Куманово на свој терен го пречека составот на Чаир и славеше убедлива победа со 36:23. Пред натпреварот се очекуваше посилен отпор од екипата на Чаир, но овој тим има големи проблеми со повредени ракометарки.

Во првото полувреме Чаир парираше првите петнаесетина минути. Во составот на Куманово сите ракометарки имаа ефикасна реализација, причина поради која предноста растеше од минута во минута. Се разиграа Боризовска и Јанкуловска во домашната екипа, а кај ракометарките на Чаир, Николовска единствено беше светла точка во текот на целиот натпревар. Првото полувреме заврши со 19:12 за составот на Куманово.

Во второто полувреме избраничките на Ненад Краљевски продолжија со посилно темпо и преку лесни голови го решија натпреварот по 40. минути игра. Чаир со кратката клупа и без својот најдобар стрелец поради повреда немаше шанси за поблаг пораз. На самиот крај, Куманово ја оствари највисоката разлика од 13 гола позитива.

Куманово во убедливата победа беше предводен од Александра Боризовска со десет гола, по осум гола постигнаа Ана Шарановиќ и Ангела Јанкуловска. Во Чаир најдобра беше Марија Николовска со десет гола. Со денешната победа Куманово ја задржа првата позиција на табелата. Следен предизвик за Куманово е екипата на Овче Поле СУ, Чаир во следното коло ќе ја пречека екипата на Деспина од Прилеп.