Куманово на чекор до завршниот турнир во ВРХЛ, го освои првото место во групата

Ракометарките на Куманово успешно го заокружија последниот турнир во групната фаза во ВХРЛ лигата кој се играше во Подгорица. На одлучувачкиот натпревар Куманово ја совлада домашната екипа Рудар со 25:22 и ја освои првата позиција.

Девојките од Рудар дадоа силен отпор на вицешампионот на Македонија и после првите 30. минути имаа минимална предност од 14:13. Сепак, кумановки предводени од старо-новиот тренер Ненад Краљевски успеаја да направат пресврт во вториот дел и стигнаа до потребната победа.

Со овој триумф Куманово ја освои првата позиција во ВРХЛ групата во конкуренција на Груде, Рудар и Зајечар со што обезбеди двобој со Јагодина за пласман на завршниот турнир во регионалната женска лига.

Најефикасна во составот на Куманово беше кружниот напаѓач Медеа Чокели со шест гола, а Ангела Јанкуловска и Јована Кипријановска постигнаа по пет гола. Најефикасна во домашната екипа беше Кривокапиќ со девет гола.

РУДАР – КУМАНОВО 22:25 (14:13)

Сала: Универзитетска спортска сала во Подгорица. Гледачи: 200. Судии: Иван Павичевиќ и Милош Ражнатовиќ од Црна Гора. Делегат: Радош Ракочевиќ од Црна Гора.

РУДАР: Кадович, Рацковиќ, Пејовиќ, Нововиќ 4, Гугач 5, Хаџај, Бојаниќ, Кривокапиќ 9, Лопичиќ, Марсениќ, Сениќ 1, Ѓуровиќ, Пираниќ, Влаховиќ, Марсениќ 2, Анѓушиќ 1.

Седмерци: 5/6. Исклучувања: 6 мин.

КУМАНОВО: Косановиќ, Марковиќ, Пецанова, Трајковиќ, Ивановска 1, Гичевска 4, Боризовска 1, Шарановиќ 3, Чокели 6, Јанкуловска 5, Кипријановска 5, Наумовска, Глигоријадис, Радевска, Цветановска.

Седмерци: 4/6. Исклучувања 6 мин.