Куманово во Подгорица ќе брка пласман на завршниот турнир во ВРХЛ

Ракометарките на Куманово изминатоти викенд се натпреваруваа на третиот турнир, а за нив втор во Женската регионална лига кој се одржа во Зајечар. Како и на претходните два турнири така и на овој учествуваат три екипи, Куманово, домаќинот Зајечар и претставникот од БиХ, Груде.

Во првиот натпревар противник на Куманово беше екипата на Груде кој е и главен конкурент во борбата за пласман на завршниот турнир. Иако кумановки во поголемиот дел од натпреварот имаа предност сепак на крајот го доживеаја првиот пораз во ВРХЛ со 27:28.

На вториот дуел Куманово имаше многу убедлив настап и го декласираше домаќинот на турнирот со 49:20. Иако го претрпеа првиот пораз во таборот на Куманово се оптимисти дека можат да стигнат до завршниот турнир.

„Им благодариме на домаќините од Зајечар за пречекот, имавме две добри изданија, и неочекуван пораз од Груде. Иако водевме во 45. минута со четири гола во завршницата нашите ракометарки не се снајдоа најдобро и загубивме. Сметам дека сме многу поквалитетен тим од босанскиот претставник и се надевам дека ќе го докажеме тоа. Ништо не е изгубено, следува последниот турнир во март кој ќе се игра во Подгорица, каде што со победа од два гола над директниот конкурент можеме да стигнеме до завршниот турнир“, изјави претседателот на Куманово, Бобан Пеовски.

Во овој момент водечка на табелата е екипата на Груде со осум освоени бодови од четири натпревари, на втората позиција е Куманово со шест бода од четири меча. Екипите на Зајечар и Рудар се на третото и четворото место со два бода, а српскиот претставник ги одигра сите натпревари.

Куманово може да обезбеди пласман на завршниот турнир доколку на последниот од четирите турнири забележи две победи, а екипата на Груде ја совлада со најмалку два гола разлика. Турнирот кој ќе се игра во Подгорица на програмата е викендот од 13 до 15 март.