Кумановки немоќни, Металург е нов шампион!

Ракометарките на Металург се нови шампионки во женската младинска лига, откако во финалето на завршниот турнир убедливо го совладаа актуелниот бранител на титулата, Куманово, со 26-16.

На почетокот беше неизвесно, најчесто се играше гол за гол, 4-4, пред Металург да се одлепи на 4-8. Кумановки се вратија на минус два, беше 6-8, па 7-9, но до крајот на полувремето избраничките на Мери Арсениевска си ја вратија предноста, 7-11.

Во вториот дел немаше голема неизвесност. Тимот од Автокоманда стигна до плус шест 8-14 и веќе беше јасно каков ќе биде исходот. Домаќинките имаа желба, но се чини дека немаа сила за камбек на овој дуел по тешкото полуфинале против Вардар.

На крајот убедлив триумф од десет погодоци за Металург, 26-16. Во битката за третото место, Вардар славеше исто така убедливо против Чаир со 37-25.