Кузман Вардар попушти во финишот, Деспина со второ сезонско славје

Тимот на Деспина стигна до вториот триумф оваа сезона, и втор над составот на Кузман Вардар, кој парираше одлично во најголем дел од мечот. Домаќинките попуштија во финишот и им дозволија на прилепчанки да слават со 24-22.

Кузман Вардар отвори со водство со 4-2, но набрзина гостинките преземаа контрола на теренот и стигнаа до предност од плус три гола, 10-7. Следуваше пресврт на избраничките на Александра Кузмановски и водство на пауза, 13-11.

Тие водеа со 18-16 во вториот дел, Деспина со три гола во серија стигна до минимално водство 19-18 и започна играта гол за гол до 21-21. Кузман Вардар не се снајде во финишот, даде само еден гол за четири минути, прилепчанки постигнаа три и на крај се радуваа на бодовите.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Адела Еленин со шест, како и Ангела Камческа и Мери Спиркоска со по пет гола, додека кај Кузман Вардар, Нина Милевска и Сандра Јовевска постигнаа по седум погодоци.

Деспина има шест бода на шестото место, додека Кузман Вардар е последен без бод.