Кузманоски: Ни недостасува победнички менталитет, се надевам на подобри денови!

Екипата на Скопје во натпревар од третото коло од Суперлигата беше поразена во градското дерби од Голден Арт со 30:27.

Избраниците на Горан Кузманоски во поголемиот дел од натпреварот беа рамноправен противник, но немаа вистински лидер кој ќе ја преземе одговорноста во свои раце, додека на другата страна искусниот Ивица Илиев ја одржуваше својата екипа во резултатска предност.

Тренерот на Скопје, Горан Кузманоски истакна дека на неговите ракометари им недостасува победнички менталитет, кој што е особено важен за вакви дерби дуели.

,,Натпреварот беше баш дерби како што и очекував. Имаше тензија од двете страни, исклучувања, агресивна игра, но имаше и добра игра кај двата табора што ме радува. Нас ни недостасува победнички менталитет. Тоа недостасува во нашата екипа, пример кога е нерешено да ја преземеш одговорноста и да поведеш со 2-3 гола разлика. Тоа ни требаше и со Јуниор КВ, водевме со два гола разлика, потоа со пет, не можевме да се оддалечиме на осум и се вративме само на два позитива. Секако дека има напредок, но треба уште многу да се работи. Иако сме многу екипи, вкупно 16, гледаме дека во двете групи дека има доста изненадувања, минимални победи и тоа е добро за македонскиот ракомет, бидејќи треба да вложуваме во македонски играчи”, изјави Кузманоски за 24 Ракомет.

Кузманоски се надева на подобри денови со неговите избраници, кои денес не беа фокусирани на голгетерски расположениот Ивица Илиев.

,,Кај дел од играчите недостасува искуство, искуство кое недостасува во клучните ситуации. Често му напоменувам дека не зависиме од никого, туку сѐ е до нас и дека мора да веруваме во себе. Кај денешниот противник одличен натпревар одиграа Даскалоски, кој според мене беше клучен фактор за победата и средниот бек Ивица Илиев, ракометар кој за оваа лига е еден од подобрите играчи и знае да игра против вакви екипи. Им сугерираав на моите ракометари да внимаваат на него, но кога не си фокусиран на натпреварот, џабе се сугестиите. Сепак, се надевам на подобри денови и до некаде сум задоволен од играта на двете страни, но ние имавме повеќе грешки и затоа противникот победи”, заврши Кузманоски за 24Ракомет.

Во следното, четврто коло, Скопје на свој терен ќе се соочи со екипата на Тиквеш.

Даскалоски ја „спушти ролетната“, Голден Арт се израдува на првиот триумф!