Даскалоски ја „спушти ролетната“, Голден Арт се израдува на првиот триумф!

Екипата на Голден Арт во скопското дерби против тимот на Скопје успеа да слави со резултат 30:27 (18:16), и се израдува на првиот триумф во Суперлигата. По двата порази на стартот, од Пролет и Еурофарм Пелистер, освоените три бода од денешното дерби се од големо значење за тимот на Никола Матлиески. Голем удел во победата на Голден Арт имаше голманот Златко Даскалоски, кој во моментите кога се кршеше резултат бранеше во одлична форма.

Повратникот во македонската елита во дуелот влезе мотивиран, со цел да дојде до првата победа во Суперлигата, тргна со водство од 2:0, потоа имаше и 3:1, а по десет минути игра дојде и до највисокото водство од три гола разлика, 5:2. Овие три гола разлика во првиот дел беа сочувани до 12-та минута од натпреварот кога домаќините беа во водство од 6:3. Ракометарите на Скопје во следниот период успеаја да се консолидираат и со двата гола на Мишевски намалија на еден гол негатива, 6:5.

Еден од поискусните на теренот, средниот бек Ивица Илиев беше носителот на играта во домашната екипа и со своите погодоци и асистенции беше најзаслужен за водството од 12:9 во 20-та минута. Иако Голден Арт водеше со 13:10, сепак, избраниците на Матлиески погрешија во три напади по ред и му дозволија на гостинот да направи серија од 3:0, израмнувајќи го резултатот на 13:13.

До крајот на првиот дел Голден Арт беше подобриот противник на терен и не му дозволи на својот ривал голем простор за напредок во играта. Домашниот тим ги награди интервенциите на голманот Златко Даскалоски и со погодоците на Илиев, Милошески, Шилегов и Гошевски на полувреме замина со предност од 18:16.

Тимот на Кузманоски за неколку минути игра во вториот дел со два гола во низа го израмни резултатот на 18:18. По нерешените 19:19, домаќините со три гола во низа повторно го вратија водството од три гола разлика, поведа со 22:19 во 40-та минута. Ракометарите на Скопје не се предаваа, имаа шанси повторно да го вратат натпреварот во егал, но расположениот Даскалоски не дозволуваше лесно да биде совладан.

Голден Арт со голот на кружниот напаѓач Даев во последните десет минути влезе со активен резултат од 26:23. Победата на Голден Арт сѐ уште не беше загарантирана, бидејќи Скопје на речиси осум минути пред крајот дојде до еден гол негатива, 27:26. До крајот продолжи неизвесноста и беше сосема јасно дека само нијанси ќе одлучат каков ќе биде исходот од денешната пресметка во малата сала во СЦ „Јане Сандански.

Голманот Златко Даскалоски, кој во моментите кога се кршеше резултат и во моментите кога Скопје имаше шанси да дојде и до израмнување, бранеше во одлична форма. Точка на неизвесноста стави Шилегов со гол од контра за 30:27. До крајот Скопје немаше многу време за евентуален пресврт, односно сензација, па така Голден Арт се израдува на првата победа во Суперлигата.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од Голден Арт, Ивица Илиев со десет погодоци. По пет гола во победничката екипа постигнаа Мице Шилегов и Дејан Гошевски. Во поразениот табор се истакна српскиот интернационалец Жарко Барјактаревиќ со седум гола.