Кузманоски за поразот на Скопје: Пресуди искуството на Еурофарм Пелистер 2

Екипата на Скопје во натпревар од 12. коло од Суперлигата не успеа да направи изненадување и на свој терен беше поразена од Еурофарм Пелистер 2 со резултат 28:23.

Домаќините во најголемиот дел од натпреварот беа рамноправен противник, но не издржаа до крајот и поискусната екипа заслужено ги освои бодовите.

Тренерот на Скопје, Горан Кузманоски истакна дека е задоволен од играта на неговите избраници и се надева дека во плеј-аут фазата неговиот тим ќе го покаже своето лице.

,,Нас ни беше важен овој дуел ,бидејќи со победа сигурно ќе стартувавме од 2. позиција во плеј-аут фазата и на Еурофарм Пелистер 2, исто така му беа важни бодовите од овој дуел. Можам да кажам дека на овој натпревар, како и на натпреварите против Тиквеш и на претходната, со првиот тим на Еурофарм Пелистер, имаше некој напредок, агресивна одбрана, добра транзиција, се гледа некој напредок, само мора да сфатиме, а јас верувам во тоа, дека после нова година ќе бидеме подобри, ќе дојде тоа што го работиме до израз. Нормално, се работи за млада екипа и втора работа е што сме во многу тешка група. Според мене, нашата група е потешка, отколку претходната и можеби денес пресуди искуството. Еурофарм Пелистер 2 е искусна екипа, знаеме дека оваа година играше во Европа, минатата сезона направија одлични резултати и можам да кажам дека одигравме еден добар натпревар и тие нијанси и детали од по седум минути во прво и второ полувреме беа клучот на резултатот на овој натпревар. Значи тие се седум минути кога ние го пуштивме гардот психички и искуството на Еурофарм Пелистер 2 не доби. Сигурно во плеј-аутот ќе дојдат резултатите, не знаеме како ќе играат другите екипи, но сигурен сум дека нема да биде оваа слика. Во претходниве две години, сите екипи играат променливо пред и после нова година. Задоволен сум како работиме на тренинзите и се надевам дека резултатите сами ќе си дојдат”, изјави Кузманоски.

Тимот на Кузманоски во следното, 13. коло од регуларниот дел од Суперлигата ќе играат против составот на Пролет.

Еурофарм Пелистер 2 го реши Скопје и го потврди местото во плеј-оф!