Кузмановски перфектен – пет од пет против Гумерсбах

Тимот на Вецлар, каде што игра македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, а тренер Филип Миркуловски, загуби во 27 коло од Бундес лигата.

И покрај перфектната партија на Кузмановски, Вецлар беше поразен на незгодното гостување кај Гумерсбах со 37-30.

Македонскиот лев бек мечот го заврши со пет погодоци од пет обиди и беше втор стрелец во неговиот тим, а Стефан Чавор даде шест гола.

Кузмановски не беше на собирот со националниот тим поради клупските обврски, но би требало да се приклучи во текот на утрешниот ден.

Вецлар останува во опасната зона на 16 позиција со 13 бода, два повеќе од претпоследниот Минден, кој има 11, но и два меча помалку.