Кузмановски: Можеме да се носиме со сите, но се уште растеме како екипа

Машката репрезентација на Македонија загуби од Португалија со 29-23 во дуел од третото коло од квалификациите за Европското првенство 2024 година.

Иако Македонија имаше свои моменти на овој натпревар, се врати во вториот дел и по негатива од четири голови, поведе, но немаше сили да го комплетира камбекот или барем да го направи финишот повозбудлив.

Еден од подобрите на теренот беше Филип Кузмановски, кој по загубениот дуел даде свое видување што треба да се подобри во ,,црвено-жолтиот табор”.

„Максимално се спремавме за Португалија, сепак, знаеме која е Португалија и рековме на стартот на овие квалификации дека ќе се бориме за првото место со оваа репрезентација. Лошо го отворивме натпреварот со многу технички грешки, мислам дека не бевме максимално фокусирани во дуелот, добро се подготвуваме, треба да анализираме и мислам дека ќе одиграме уште еден добар натпревар во Португалија. Треба да го поправиме тој почеток од првиот дел, во кој имавме технички грешки и со играч повеќе направивме неколку грешки, во тој момент треба да имаме подобра реализација, имаме неколку дена за добра анализа, ќе гледаме и видеа, ќе отпатуваме за Португалија, ќе одиграме уште еден меч борбено, до последен момент и зошто да не победиме таму”, изјави Кузмановски.

Битолчанецот смета дека Македонија може да одигра уште еден добар дуел со репрезентацијата на Переира и истакна дека за брз период квалитетот на македонската репрезентација ќе биде на површина.

„Видовме дека можеме да одиграме и мислам дека не дадовме максимум, но се трудевме, дадеме се од себе за Македонија. Не бевме доволно, односно не влеговме фокусирани во натпреварот, добро ги анализиравме, имавме доволно време за тоа и се знаевме како треба да направиме во нападот, како да одиграме во одбраната, како во полуконтра, како треба да се враќаме, за се имавме анализа. На домашен терен кога игра Македонија со никој не се предава, сите знаеме како беше на претходните квалификации за Европско и Светско првенство, знаеме дека можеме да се носиме со сите репрезентации, гледате дека има многу изненадувања во овие квалификации и сите играат ракомет, сите растеме и ќе растеме како екипа, сепак, сме млада репрезентација и одиме напред и треба за брз период да напредуваме. Со отсуство на некои повредени играчи кои не се моментално во репрезентација има тежина да бидеш лидер, не е едноставно тоа, треба да си пример за тие млади играчи, да дадеш максимум од прва до последна секунда на дуелот и на тренинг, треба да учат помладите од тебе, така и за мене беа останатите постари играчи, кога јас бев дел од репрезентацијата пред 5-6 години, така што јас научив од многу од нив,сега помладите учат од мене. Јас давам максимум на терен, како и на тренинг, тука се помладите да им помогнеме и заедно да растеме како репрезентација”, заврши Кузмановски.

Реванш средбата меѓу Португалија и Македонија се игра на 12 март со почеток во 18:30 часот во Матосињос.

Македонија пружи отпор, но Португалија ја однесе победата