Кузмановски: Веќе сме зрели, ова е наше време!

Репрезентацијата на Македонија во текот на утрешниот ден со натпревар против Норвешка ќе го стартува настапот на Светското првенство 2023.

Избраниците на Кире Лазаров освен со Норвешка, ќе играат и против селекциите на Холандија и Аргентина.

Еден од клучните играчи во македонската репрезентација, левиот бек Филип Кузмановски во емисијата Студио 10 на телевизијата 24Вести зборуваше за амбициите на Македонија на Мундијалот.

Членот на Хановер е оптимист пред првиот дуел против скандинавската селекција, истакнувајќи дека ова СП е вистинско време за подмладената Македонија.

„Она што треба сега да радува е тоа што сме комплетни, повредените играчи се вратија, на вчерашниот тренинг сите трениравме и сме среќни што ќе бидеме повторно заедно. На подготовките во Хрватска настапивме без неколку клучни играчи, треба Македонија да гледа и ќе гледа една модерна Македонија, имаме наш систем и тој систем ќе го применуваме во иднина. Играме брз и модерен ракомет, треба да поправиме некои работи, пријателските натпревари ни беа добредојдени, треба да ги анализираме и да се спремаме за првиот натпревар со Норвешка”, изјави Кузмановски.

Левиот бек истакна дека со неговите соиграчи се спремни за првиот дуел против селекцијата на Норвешка, која е еден од фаворитите на ова СП.

„Скандинавскиот ракомет со нашиот ракомет многу се разликува. Норвежаните играат брза транзиција, во одбрана играат цврсто, агресивни се, но секој има своја шанса, своја игра, нормално, нема да ги потцениме, но и тие не треба нас да не потценат. Можам да кажам дека Норвешка е еден од главните фаворити и тие се фаворити во нашата група. Но, ние нема да се откажуваме, максимално ќе се спремиме за секој ривал, почнавме да се подготвуваме за Норвешка, добро ќе ги анализираме, имаме свои шанси и ќе дадеме сѐ од себе. Верувам во тоа дека има изненадувања, ние веруваме во самите себе, треба прво да се гледаме самите себе, па потоа Норвешка…Покажавме на квалификациските натпревари како знаеме да играме и на домашен и гостински терен, така што сме многу фокусирани пред сѐ на нас, па на Норвешка. Искрено, гледам шанса на секој натпревар, одиме чекор по чекор, газиме цврсто на земја, нема никој да потцениме, фокусирани сме на себе и спремни сме за првиот дуел со Норвешка”, додаде Кузмановски.

Битолчанецот смета дека ниту репрезентацијата на Аргентина не треба да биде потценета, бидејќи денес секој може да победи секого.

„За мене повеќе нема слаби селекции, ракометот оди во нагорна линија и ниту една репрезентација не треба да се потцени, има многу изненадувања. Се сеќаваме дека Аргентина во Египет ја победи големата Хрватска, тоа не треба да го заборавиме, ние не треба да чекаме до Аргентина, максимално сме спремни за секој натпревар. Со нашата нова игра ќе се обидеме на секој натпревар да ја видиме и нашата шанса, одиме на секој натпревар на победа…Аргентина не треба да се потцени, има искусни играчи, кои се заедно подолг временски период…Нашата цел е да одиме во втора рунда и против секого ќе ја бараме нашата шанса. Веќе сме зрели и ова е наше вистинско време. Не сме повеќе млади играчи, тука има и искусни играчи кои сме заедно подолг временски период, предводени од Кире Лазаров”, заврши Кузмановски.

Македонија на 13 јануари ќе игра против Норвешка. Два дена подоцна, односно на 15 јануари, избраниците на Лазаров ќе имаат дуел против Холандија, додека последниот натпревар од групната фаза ќе го одиграат против Аргентина на 17 јануари.