Кристопанс: Седиме дома и чекаме, смешно е што сите купуваат многу тоалетна хартија

Летонскиот џин Даинис Кристопанс откако замина од Вардар во германскиот Фуксе Берлин немаше многу причини за радост. Иако тој одигра неколку одлични партии, неговиот тим загуби многу натпревари во серија.

Доколку Бундес лигата реши дека нема да продолжи шампионатот, Кристопанс нема повеќе да игра за Фуксе, со оглед на тоа што од лето ќе се пресели во францускиот ПСЖ.

„Бундес лигата е ептен луда, повеќе отколку што очекував. Мислам дека токму поради тоа на германските клубови со исклучок на Кил, им е тешко на европската сцена, иако располагаат со огромни ресурси. Многу играчи во тимот ни се повредени, а потоа следуваше и промена на тренерот. Ако сите се здрави, Фуксе Берлин е многу силен тим“, изјави Кристопанс.

Коронавирусот ја прекина Бундес лигата, а десниот бек исто како и сите други времето го поминува седејќи дома.

„Сите сме дома и чекаме дали ќе продолжи првенството. Имаме тренинг-програма која ја работиме индивидуално, а сите сме оптимисти дека наскоро ќе почнат натпреварите. Пред неколку дена не можеше да се забележи промена во Берлин, но вчера и денеска имаше се помалку луѓе и автомобили на улиците. Луѓето почнаа да седат во карантин, но мислам дека е предоцна, па бројката на заразени ќе се зголемува. Има многу луѓе што продолжија со своите секојдневни навики и се загрозуваат себе си. Јас ретко одам во маркет и нема паника во тој поглед. Има доволно залихи во маркетите, освен тоалетна хартија, смешно е зошто луѓето купуваат толку многу“, вели Кристопанс.