Играчот што најдобрите партии ги имаше против Вардар, замина во пензија на 29 години!

Некогашниот туниски репрезентативец Ваел Жалуз реши да ја заврши кариерата на само 29 години. По неколку години борба со повредите и проблемите, тој се пензионира како позајмен ракометар на Барселона во францускиот Шарт, за кој не одигра ниту една минута.

Тунижанецот кој имаше најдобри партии во кариерата против Вардар како член на каталонскиот гигант, во последно време се соочуваше со големи здравствени проблеми и едноставно немаше повеќе желба за враќање на паркетот.

По трансферот од Кил во Барселона неговата кариера тргна во надолна линија. Беше позајмен во Фуксе Берлин, но ниту таму не се снајде, па следуваше преселба во францускиот Шарт, каде во двегодишниот престој не одигра ниту минута. Имаше сериозна инфекција на очите и покрај неколку третмани во Париз, тој загуби дел од видот на едното око.

Лани пролетта имаше и перитонитис, односно бактерија која ги зафатила повеќето абдоменални органи, а последиците кон Жалуз можеа да бидат фатални. Сепак по неколку месеци во болница, тој почна со рехабилитација и планови за враќање на теренот. Но следуваше повреда на прстот, по што левиот бек реши дека нема повеќе да се бори со повредите и ќе ја заврши кариерата.