Крај на црната серија: Данците по осум години освоија медал на ЕП

Репрезентацијата на Данска денеска со победата против Франција од 35:32 во натпреварот за третото место на Европското првенство го освои долго очекуваниот медал, кој што недостасуваше цели осум години. Освоената бронза против Франција ќе се смета за голем успех за избраниците на Николај Јакобсен.

Данците последен пат на ЕП освоија медал (сребрен) во 2014 година кога беа домаќини. Тогаш во финалето беа поразени од селекцијата на Франција со висока разлика од 32:41.

Најлошиот пласман во последните 28 години го имаа на Европското првенство во 2020 година, кое се одржуваше во Австрија, Шведска и Норвешка. Данска тогаш одигра катастрофално и заврши на 13 место бидејќи не успеа да избори пласман во главната фаза.

На Европските првенства во 2016 и 2018 година го освоија шесттото односно четвртото место. Низ историјата, само во 1998 година не обезбедија билет за настап на Европското првенство во Италија.

Денешниот освоен медал е седми од Европските првенства за Данска и четврта бронза, а колекцијата на медали е надополнета со два златни медали освоени во 2008 и 2012 година и сребрен медал во 2014 година.