„Кој рече дека завршив со играњето – додека во мене гори оган, нема да престанам“

Интернационалецот од Шпанија, Чема Родригез изминатава сезона настапуваше во вториот ранг во француското првенство во екипата Саран, а од наредната требаше да седне на клупата на Бенфика.

Родригез веќе го имаше своето прво тренерско искуство како помошник на Иштван Гулјаш во репрезентацијата на Унгарија. Според неговите зборови во интервју за „Немзети Спорт“, Родригез не ја исклучува можноста да ја продолжи играчката кариера.

„Кој рече дека ќе престанам да играм? Да, имам понуда од Бенфика, но за среќа имам и други опции за продолжување на кариерата. Си дадов недела или две за да размислам за тоа. Можеби навистина ќе ја завршам играчката кариера, но размислував за ова повеќе од една година и сосема поинаку ја замислував мојата разделба од топката. И покрај моите години се чувствувам млад, ракометот не е работа, тоа е љубов. Додека во мене гори огнот нема да престанам. На Европското првенство во јануари стекнав непроценливо искуство и сфатив колку е полесно да си играч, само го правите она што ви го кажуваат. Работата на тренерите е сосема различна, мора да се фокусирате веднаш на наредната задача откако ќе ја завршите претходната. Не е едноставно како што си замислував“, изјави Чема Родригез.

40-годишниот играч во својата богата кариера настапуваше за Веспрем, Атлетико Мадрид и Сиудад Реал, а еден дел од кариерата беше соиграч и на Кире Лазаров. Во наредниот период Родригез ќе ја донесе конечната одлука дали продолжува со играње или ќе стане тренер, или пак можеби ќе биде играч-тренер.