Кој е професионалниот американски војник што игра ракомет во Европа

Независно од тоа дали ја носи униформата или лета, неговата обврска е да ја штити својата земја од било каква закана. Американецот Ендрју Донлин е професионален војник во военото воздухопловство на САД, но и ракометар на Адемар Леон.

Донлин минатата сезона беше член на шпанскиот тим, а договорот со армијата на САД за проектот преку кој е дел од Адемар Леон го продолжи за уште една сезона. Една од причините за продожувањето на проектот е пандемијата на коронавирус. Веданш по продолжувањето на договорот Ендрју беше прогласен за најдобар спортист од страна на американските воздушни сили за 2019 година.

Пред да биде избран во програрамата на САД наменета за најдобрите спортисти да се подготват за Олимпијадата во Лос Анџелес во 2028 година, Донлин правеше голем напор да ги искомбинира ракометот и армијата.

„Пред да влезам во програмата тренирав наутро и навечер, исто така и за време на викендите кога имав можност во зависност од обврските во воздухопловните сили. Беше тешко но моите командири ме поддржуваа секогаш кога морав да одам на некој меѓународен турнир“, рече Донлин за marca.com

Пристигнувањето на Американецот во еден од најдобрите клубот во Шпанија беше исполнување на неговиот сон. Тој настапува на пикерската позиција и има одлични физички предиспозиции. 27-годишниот ракометар е висок 202 сантиметри и има 115 килограми.

Ракометот е малку популарен спорт во САД, затоа Американците започнаа со проекти за популаризација и создавање на квалитетна репрезентација за да се подготвуваат за домашните Олимписки игри во 2028 година.